ВИМБЛДОН ГИ УКИНА ЛИНИСКИТЕ СУДИИ ПО 147 ГОДИНИ, ЌЕ ГИ ЗАМЕНИ СО ЕЛЕКТРОНСКИ СИСТЕМ

Лондон, (Ројтерс)

Вимблдон ќе прекрши повеќе од еден век традиција и ќе ги замени линиските судии со електронска линија, почнувајќи од турнирот следната година, објавија организаторите. Линиските судии беа дел од турнирот 147 години.

Електронската линија првпат беше испробана на турнир во Милано во 2017 и пошироко беше усвоена за време на ковид пандемијата. Таа ќе почне да се користи на сите АТП турнири од 2025. Отвореното првенство на Австралија и Ју-Ес опен веќе ги заменија линиските судии со електронски повик, додека Ролан Гарос и натаму се потпира на човечкото око.

„Откако ги разгледавме резултатите од тестирањата спроведени на годинашниот турнир, сметаме дека технологијата е доволно точна и вистинско време е да го направиме овој важен чекор во барањето максимална прецизност во нашето судење“, кажаа организаторите.

Со воведувањето на оваа технологија ќе се укине опцијата „соколово око“, со која играчите бараа видеоанализа на спорни одлуки.

Електронскиот систем, кој реагира во рок од една десетинка од слетувањето на топката, се смета за попрецизен од линиските судии, кои често можат да се видат како се навалуваат за да избегнат да бидат погодени од топче при сервис од над 100 километри на час.

(Фото: ЕПА)