Виртуелен гостин, кој е голема интернационална ѕвезда, ќе се појави на концертот на групата „Меморија“ на 16 ноември во салата „Борис Трајковски“, кажаа членовите на бендот на прес-конференцијата во Скопје.
„Можам само да ви кажам дека е музичар на чија изведба му се восхитува светот“, рече новинарот Антонио Димитриевски, кој е поранешен член на „Меморија“.
Басистот и лидер на бендот Петар Георгиевски-Камиказа рече дека се користени вештачка интелигенција и 3-Д ефекти.
Од бендот претходно кажаа дека четири пејачки ќе гостуваат на концертот: Ружица Милошевска-Брчиоска од групата „Ареа“ (со нејзиниот сопруг Ивица Брчиоски), Андријана Јаневска, Дани Димитровска и Сара Мејс.
„Четири пејачки ќе ја пеат песната ‘Мотори’ од ‘Дивље јагоде‘. Како љубител на мотори, ќе ги поканам и моторџиките кои ги запознав возејќи низ поранешна Југославија“, најави Георгиевски.
Изненадување беше видеото од новата балада на „Меморија“, „За тебе“, во изведба на женскиот хор „Фрида“, кој го предводи Сузана Турунџиева. Оваа песна бендот ја напишал како посвета на сопругата на пејачот Апостол Икономов-Поце, Вики, која по долго боледување почина во мај.
На претходната прес-конференција „Меморија“ ја промовираше новата песна „За добро нека е“, чиј автор е новиот член на бендот, гитаристот Рубин Димкоски, а текстот е на Душко Темелковски, некогашниот пејач на прилепската група „Бен Хур“.
„Песната е напишана за Филип Николовски, мој најголем фан. Тој има 25 години и се движи со помош на инвалидска количка“, рече тогаш Димкоски.
Групата најави дека и Николовски ќе биде гостин на концертот и ќе ја пее песната во придружба на младата тапанарка Теа. На концертот ќе се појави и автомобилистот Игор Стефановски-Иџе.
М. ЏАРОВСКА