НА МАКЕДОНЕЦОТ МАЈТАПОТ МУ Е СЀ, А ИТАР ПЕЈО ГЛАВЕН ХЕРОЈ, РЕКОА КОМИЧАРИТЕ ТИНО И АТАНАС НА СТЕНДАП ШОУТО ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопската публика е желна за смеа и хумор кој релаксира. Насмеани луѓе сношти си заминаа од салата „Јане Сандански“ од првиот од трите закажани стендап претстави на актерите Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски, „(Нат)просечен Македонец“.

Според популарните актери од театар Комедија, секој просечен Македонец може да биде натпросечен. На комичен начин објаснија како нашиот народ чека на аеродромските излези, сите еден до друг, додека патниците од другите земји стојат во ред.

„Се мислев што има Македонецот направено за светот. Па, ние сме ја измислиле најдобрата и најлошата работа на светот. Сме го описмениле светот со азбуката, а сме го измислиле и тероризмот зашто никој не знаел да пука пред Солунските атентатори. Нас мајтапот ни е сѐ. Па како и да не биде, кога главен херој ни е мајтапџија, Итар Пејо“, кажа Атанас Атанасовски. Тино Костадиновски откри дека се оженил и го има синот Лука, зашто е во години кога сите негови пријатели основаат семејства, а тој веќе нема со кого да излегува. На интересен начин тој го спореди денешното воспитување на децата со некогашното, сеќавајќи се на неговата воспитувачка од градника „Наде папучата“. Во публиката беа и неговите родители на кои им посвети еден дел од стендапот.

Настанот го отвори велешкиот комичар Стефан Николовски (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Дел од гостите беше и Стојанче Ангелов, директорот на ЦУК кој прв го забалежа велешкиот комичар Стефан Николовски кој на оригинален начин го отвори настанот. Николовски, а и неговите колеги дадоа интересни примери како Македонецот може да се мрази прво со соседите, потоа со луѓе од соседен град, а потоа и со друга нација и рекоа дека би требало да престане мразењето меѓу нас.

Интересен момент беа поговорките кои ги довикуваше публиката, па Тино и Атанас ги уфрлија во шоуто на лице место, па претставата како што ветија претходно беше и едукативна. Уште многу актуелни теми кои сите нѐ мачат се свртеа низ двочасовното весело шоу.

Вреди да се гледа хуморот на тројцата актери кои се први во Македонија и во регионот кои прават стендап во спортска сала, како што претходно кажаа од „Авалон“, организаторот на настанот. Вториот термин е вечерва (3 ноември) од 20 часот на истото место, а третиот на 8 ноември.

М. ЏАРОВСКА