Седум велешки песни беа испеани во нов аранжман од седуммина велешки пејачи, Баже Натов, Иван Милевски, Катерина Брезева, Тони Андреев, Орхидеја Дукова, Мики Секуловски и Стефани Алчева, на концертот во Велешкиот театар.
Настанот со наслов „Кондензиран воздив по тебе” се одржа по повод 80 години од ослободувањето на Велес.
Песните беа во продукција и аранжман на Темелко Андреев, а концертот беше различен од сите досега, наменски за оваа цел, за свечената академија за ослободувањето на Велес.
Се испеаја велешките народни песни „Се посврши сербез Донка“, „Елено ќерко“, „Налеј, налеј“, „На Којник дуќан да имам“, „Што ми е мило сејмен да шетам по Бузаана“, „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ и „Бог да го бие тој Ибраим оџа“. На пејачите придружба им беше камерниот црковен хор „Св. Пантелејмон“, со кој диригираше Славица Ставрева.
Настапија музичарите Андријана Арлен – пијано, Славен Пеев – бас, Оливер Тевчев – гитара, Стојанче Наумовски – виолончело, гајда и кавал, Филип Арилон – тапани, Филип Михајлов и Христијан Саздовски – традиционален тапан. Андреев најави дека ќе се објави видеозапис од концертот.
П. ПЕЧКОВ