„СЀ ШТО САКАМ ЗА БОЖИЌ СИ ТИ“ НА МАРАЈА КЕРИ ПОЧНА СО СКРОМНОТО 12. МЕСТО, А ЗАВРШИ КАКО ПРАЗНИЧЕН ХИТ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

САД, (Би-Би-Си)

Кога првпат беше објавена во 1994, „Сè што сакам за Божиќ си ти“ (All I Want for Christmas is You) на Мараја Кери не остави голем впечаток. Но, 30 години подоцна, тоа е песна што владее во текот на празничната сезона.

Песната релативно скромно помина кога за првпат излезе во 1994, достигнувајќи го 12-тото место на сите топ-листи во САД и второто место во Велика Британија. Тоа требаше да биде крајот на приказната. Но, песната се враќаше посилна и попопуларна секоја празнична сезона. Песната сега е на врвот на топ-листите во над 25 земји, вклучувајќи ги САД и Велика Британија, и официјално беше крунисана како најдобра празнична песна на сите времиња врз основа на комерцијалната изведба на „Билборд“ во 2023.
„Во најосновна смисла, тоа е толку забавна песна“, вели д-р Бритни Проктор, професорка по медиумски студии и популарна култура од Њујорк. За д-р Проктор, оваа песна е успешна зашто ги спојува елементите на госпел, аренби и поп на весел начин. Или, како што музичката новинарка Кејт Соломон вели тоа е „совршена поп песна која случајно е божиќна“.
Очигледно, не е никаков подвиг да се создаде модерен божиќен класик. Пејачите како Тејлор Свифт и Џастин Бибер се обидоа, но сите нивни оригинални песни не успеаја да се залепат за уво. За Нејт Слоун, музиколог и ко-водител на подкаст, она што го отежнува пишувањето на успешните божиќни песни е тоа што „поп-пејачките не треба да вметнуваат нови звуци во нив“.

Мараја Кери изјави дека нејзината цел со песната била да направи нешто безвременско, и да не изгледа како да е снимано во 1990-тите. Како што рече за Би-Би-Си музичкиот критичар Ајша Харис, во песната „се чувствува и модерното и носталгичното“.