ШВЕДСКА, НОРВЕШКА И ФИНСКА СО ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТ ГИ СПАСИЈА АРКТИЧКИТЕ ЛИСИЦИ ОД ИСТРЕБУВАЊЕ

Осло, (Би-Би-Си)

Арктичките лисици своевремено биле ловени речиси до истребување во Шведска, Норвешка и Финска, но тоа беше спречено со проект за нивно размножување и хранење.

Триста километри северно од Осло, Норвешкиот институт за истражување на природата одгледува арктички лисици од 2005. Финансирана од норвешката влада, оваа програма беше столб на напорите да се спасат овие животни во Феноскандија, полуостров кој ги зафаќа Финска, Норвешка, Шведска и дел од Русија. Оваа година, таму се родени 34 лисици, кои откако ќе наполнат девет месеци, се пуштаат во природа.

Во изминатите 18 години, на девет локации низ Норвешка биле пуштени 465 арктички лисици родени во рамките на оваа програма.

Опремени да живеат на температури под -40 Целзиусови степени, овие лисици своевремено ги населувале Русија, Гренланд, Канада, Шведска, Норвешка, Финска, Исланд и арктичките острови и во некои од нив и денес можат да се најдат.

Ренџерите доставуваат храна за лисиците во повеќе од 250 станици за хранење

На Феноскандија тие речиси биле истребени до почетокот на 20. век. И покрај воведените закони за нивна заштита, до 2000 година останале само 40-60 арктички лисици во Шведска и Норвешка, додека во Финска немало ниедна. Климатските промени и намалувањето на популацијата на малите глодари леминзи, кои се основна храна на лисиците, дополнително ја влошија ситуацијата.

Токму затоа, ренџерите сега доставуваат храна за лисиците во повеќе од 250 станици за хранење во Шведска, Норвешка и Финска.

Им даваме кучешка храна од највисок квалитет. Во годините кога нема многу глодари, тоа им помага на арктичките лисици да преживеат во оптимални живеалишта за рамножување“, вели Туомо Олила, кој работи во станицата во финското село Килписјерви.

Експертите се согласуваат дека без човечка интервенција арктичките лисици можеби би исчезнале на Феноскандија. Благодарение на координираните напори, денес повеќе од 550 лисици слободно талкаат низ дивината на Шведска, Норвешка и Финска, каде што во 2022 се родија првите лисици по пауза од 26 години.