Ако учењето да се свири гитара отсекогаш било на вашата листа желби, тогаш „либерлајв Ц1“ може да ви помогне во тоа. Првата смарт гитара без жици на светот беше претставена на тековниот саем за технологија ЦЕС во Лас Вегас и нејзиниот производител вели дека со неа може лесно да се учи, свири и создава музика.
„Ц1“ на прв поглед воопшто не изгледа како гитара. Има преклоплив врат што го олеснува пакувањето на овој инструмент каде и да одите. Свирењето акорд е лесно како притискање копче на таблата, а уредот го фаќа свирењето врз основа на движењето на вашата рака.
Придружната апликација може да биде ваш учител и да ве води низ основните акорди, како тие се користат во песна и како да ги свирите користејќи интерактивни ЛЕД-светла на вратот на гитарата.
Она што ја разликува од контролерот во играта „Гитарски херој“ е звукот. „Ц1“ произведува звук со импресивна длабочина кој повеќе звучи како гитара отколку синтисајзер.