ВТОРИОТ ДЕЛ НА „ЏОКЕР“ ДОБИ СЕДУМ НОМИНАЦИИ ЗА ЗЛАТНА МАЛИНА, ШЕСТ ЗА „МЕГАЛОПОЛИС“ НА КОПОЛА

Лос Анџелес, (Вараети)

Џокер: Лудило за двајца“ доби седум, а „Мегалополис“, „Бордерлендс“, „Реган“ и „Мадам Веб“ по шест номинации за Златна малина, што им се доделува на најлошите филмски остварувања во изминатата година.

Музичкото продолжение на оскаровецот „Џокер“ е номиниран за најлош филм, најлош режисер, најлошо сценарио, најлошо продолжение, приквел или римејк, како и Хоакин Феникс и Лејди Гага за најлоши актери. Двете ѕвезди се номинирани и за најлоша двојка.

Џокер 2“ беше лошо примен по премиерата на Венецискиот фестивал и заработи 206 милиони долари на светско ниво, откако бил снимен за 200 милиони.

Покрај Феникс, за најлош актер се номинирани и Џек Блек, Закари Ливај, Денис Квејд и Џери Сајнфелд, а во женска конкуренција Кејт Бланшет, Брајс Далас Хауард, Дакота Џонсон и Џенифер Лопез.

Легендарниот Џон Војт доби номинација за најлош спореден актер за дури четири филма, а Френсис Форд Копола е меѓу кандидатите за најлош режисер за „Мегалополис“.

(Фото: Профимедија)