Најпознатите колачиња од Салцбург, „Моцарт топчиња“ од ф’стаци, марципан и лешник прекриени со темно чоколадо, повеќе нема да се прават во овој австриски град, завршувајќи ја производствената линија која датира од 19. век.
Фабриката во јужен Салцбург почнала да ги произведува „Моцарткугелн“ во 1890 година, еден век по смртта на Волфганг Амадеус Моцарт. Фирмата била создадена од слаткарот од Салцбург Пол Фирст, кој отворил мала фабрика во градот, пред да се пресели на поголемата локација во Гредиг во 1948. На крајот на 2024 компанијата ја произведе својата последна серија чоколатца.
„Салцбург шоколаде“ банкротираше минатата година, ставајќи крај на 65 работни места и на производствена линија која правеше 57 милиони „Моцарт топчиња“ годишно. Компанијата ги обвини поскапувањата на какаото и ефектите на пандемијата на ковид-19 за затворањето.
Машината за производство на слатките била продадена на фирми од Египет и Маврициус, но американската компанија „Монделез“, која го купи „Салцбург шоколаде“ во 1975, допрва треба да потврди каква е иднината на овие колачиња. Она што е дефинитивно е дека производството престана во Австрија, а има предлози да продолжи во Полска и Чешка.
(Фото: АП)