СЕ РАДУВАМ ШТО ВО „САВА ЦЕНТАР“ ПЕЕВ НА МАКЕДОНСКИ СО ВЛАДО ГЕОРГИЕВ, ВЕЛИ ТИЈАНА ДАПЧЕВИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката и челистка Тијана Дапчевиќ, која повеќе од 15 години живее во Белград, најави дека наскоро ќе снима нов албум.

„Имам доста материјал за албум. Снимам песни еднаш во годината и сите ќе ги ставам на носач на звук. По ново, сега се издава ЕП или сингл, но јас сакам сите необјавени песни да ги имам на албум“, вели Дапчевиќ.

Таа беше гостинка на концертот на црногорскиот кантавтор Владо Георгиев во Белград, во реновираниот „Сава центар“ и запеа со него. Рефренот на неговата песна „Ние не сме ние“ (Ми нисмо ми) таа го преработи на македонски јазик.

Тијана Дапчевиќ пееше на концертот на Владо Георгиев во Белград (Фото: Инстаграм)

„Многу се радувам што бев на овој концерт и што запеав на македонски“, вели Тијана Дапчевиќ.

Таа е активна и како актерка. Ја глумеше Германката Ула во ТВ-серијата „Преспав“, а лани гостуваше во Скопје со мјузиклот „Веселите девојки“, заедно со Маја Брукнер, Зорана Павиќ, Јелена Ѓукиќ, Ивана Петерс и Светлана Сретеновиќ. Досега има снимено пет студиски албуми, повеќе синглови и едно цеде со најголемите хитови.

М. ЏАРОВСКА