На 18 февруари од 20 часот, во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе се отвори изложбата на фотографии „Вечни тела“. Ќе бидат прикажани фотографии од балетски уметници од првата генерација, првенци и солисти од Македонскиот народен тетар (МНТ) и Националната опера и балет (НОБ).
Проектот е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, кои ги споделуваат своите заеднички гледишта во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на МНТ, a потоа во Македонската опера и балет.
Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно.