Македонската диригентка Елена Митревска, која живее и работи во Шведска, неодамна настапи со Данскиот национален вокален ансамбл.
Во трите концертни вечери во Мермерната црква во Копенхаген, Митревска диригираше дела од дански, но и од композитори од светската музичка сцена, проследено со светлосни ефекти дизајнирани специјално за настанот од Кристијан Вајнберг Бонде.
Концертот со наслов „Небесна светлина“ имаше за цел да постигне комплетно доживување, при што светлосните ефекти беа во хармонија со музиката која се изведува, постигнувајќи ефект на едно деноноќие.
Ова не е прв настап на Елена Митревска со Данскиот вокален ансамбл, кој важи за еден од водечките хорови во Скандинавија. Нејзиното постојано работно место како главен хорски диригент е во операта во Малме, каде што во следната сезона ќе ја диригира продукцијата на операта „Кармен“ од Жорж Бизе.
Македонската публика неодамна имаше можност да ја види Елена Митревска во Скопје, на Новогодишниот концерт со Филхармонијата, a ќе настапи и со камерниот оркестар „Ајга“ на фестивалот Денови на македонска музика.