Мандолинскиот оркестар „Скопје“ ќе одржи јубилеен концерт на 14 ноември од 20 часот во Националната опера и балет по повод 25 години од своето постоење и 60 години уметничка дејност на маестро Рамадан Шукри.
Со оркестарот ќе диригираат Рамадан Шукри и Ерхан Шукри, а како гости ќе настапат мецосопранистката Јадранка Јовановиќ од Србија и виолинистките Лалита и Нандини од Индија, како и солистите Катерина Стојановска, Вариса Хајдерпашиќ (сопран), Христо Арсовски (тенор), Добрила Грашеска (вокал), Џон Илија Апелгрен (џез пејач), Ернес Ибраимовски (баритон) и Лазар Сандев (мандолина).
Ерхан Шукри, кој и претходно настапувал како диригент со мандолински ансамбли, ја продолжува музичката традиција на својот татко Рамадан Шукри, долгогодишен диригент и педагог, кој има значаен придонес во развојот и афирмацијата на мандолинската музика во Македонија.
Ерхан Шукри во октомври 2023 одбележа 30 години уметничка и педагошка дејност и 20 години од основањето на Гудачкиот камерен оркестар „Арко“. Средствата од хуманитарниот концерт „Првите мои 20 во 30“ беа наменети за деца со дијабетес.