Ланскиот лауреат Тони Михајловски и велешките актери Александар Ѓорѓиев и Зорица Панчиќ се членовите на комисијата за доделување на годинашната актерска награда за животно дело „Петре Прличко“. Ѓорѓиев го доби ова признание во 2021, а Панчиќ годинава одбележува 30 години на театарската сцена.
Ова е одлука на Советот на Општина Велес, која го доделува признанието заедно со велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Тоа се состои од паричен дел и плакета.
Утре (28 февруари) е последниот ден за доставуање предлози за наградата, која ќе се врачи на 27 март, Светскиот ден на театарот. Во Велешкиот театар тогаш премиерно ќе се изведе претставата „Сомнително лице“, во режија на Синиша Евтимов, со што ќе започне и театарскиот фестивал „5ре“.
П. ПЕЧКОВ