ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР СО „НИЕ ДВАЈЦАТА И АЛОЈЗ“ НА ФЕСТИВАЛ ВО БУГАРИЈА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ вечерва (2 ноември) ќе ја изведе претставата „Ние двајцата и Алојз“ на петтото издание на Балканскиот театарски фестивал во Благоевград, Бугарија, кој се одржува до 7 ноември.

Претставата е работена по текст на романскиот автор Космин Стенила, во режија на Деан Дамјановски и со драматургија на Сашо Димоски. Играат Слободанка Чичевска, Васил Зафичев и Филип Христовски.

Претставата ја раскажува приказната за возрасна актерка која постепено го губи помнењето поради Алцхајмерова болест и за нејзиниот син, кој решава да остане покрај неа. Дел од приказната е и докторот Алојз, симболично поврзан со губењето на сеќавањата.

Претставата имаше премиера во Велес на 9 октомври.

На фестивалот во Благоевград учествуваат седум претстави од Македонија, Романија, Словенија, Србија и Бугарија. Фестивалот има ревијален карактер и не се доделуваат награди.