Додека Манчестер јунајтед ја игра една од најлошите сезони во поновата историја, еден од неговите сопственици Џим Ретклиф вети дека новиот клупски стадион ќе биде „најдобар на светот“. Предвидено е да има 100.000 седишта, но засега не е познато кога ќе почне изградбата, која би чинела две милијарди фунти.
„Нашиот сегашен стадион ‘Олд Трафорд‘ нѐ служеше брилијантно во изминатите 115 години, но сега наголемо заостанува зад најдобрите стадиони во светот на фудбалот. Со изградбата на новиот супермодерен стадион веднаш до сегашното место, ќе можеме да ја зачуваме суштината на ‘Олд Трафорд‘ и да го трансформираме искуството на навивачите на само неколку чекори од нашиот историски дом“, изјави Ретклиф.

Стадионот го дизајнираше светски познатиот архитект Норман Фостер, кој го опиша како „еден од највозбудливите проекти во светот во моментов“.
„Тргнавме од искуството на фановите, доближувајќи ги до теренот повеќе од кога било“, рече Фостер.
И покрај промената на тренерот, Јунајтед моментално се наоѓа на 14. место во Премиерлигата, а Ретклиф кажа дека во екипата има преплатени и недоволно квалитетни играчи.
(Фото: ПА)