КОЛОСАЛНА ЛИГЊА, НАЈТЕШКИОТ БЕЗРБЕТНИК НА СВЕТОТ, ПРВПАТ СНИМЕНА ВО МОРСКИ ДЛАБОЧИНИ

Лондон, (Гардијан)

Колосална лигња, најтешкиот безрбетник на светот, е снимена жива во дивина за првпат откако била идентификувана пред еден век.

Со должина до седум метри и тежина до половина тон, лигњите Mesonychoteuthis hamiltoni се најтешкиот безрбетник на планетата. Примерокот снимен во близина на Јужните Сендвич Острови во јужниот дел на Атлантскиот Океан е бебе, со должина од само 30 сантиметри.

Видеото снимено од меѓународен тим научници и истражувачи го прикажува речиси проѕирното животно со осум краци како плива во своето природно живеалиште, длабокото море. Тоа било снимено од далечински управувано возило, додека било на 35-дневна експедиција во потрага по нов морски живот.

Цели 100 години, животното, кое е еден вид стаклена лигња, било видено само во стомакот на китовите и морските птици. Угинати возрасни единки биле најдени во рибарски мрежи, но никогаш не биле видени живи во длабочина.

Малку е познато за животниот циклус на колосалната лигња, која како возрасна го губи својот проѕирен изглед.

(Фото: АП)