„ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ НА ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ПРИКАЖАН НА МЕЃУНАРОДНИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ВО МОСКВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски беше прикажан на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Москва.

До војната во Украина, МИФФ беше класифициран на А-листата на филмски фестивали, заедно со Кан, Берлин и Венеција. Основан во 1935 година, фестивалот почна редовно да се одржува од 1959.

„Јон Вардар против галаксијата“ имаше две проекции во Москва, што уследи откако минатата недела се прикажуваше на меѓународниот филмски фестивал БАФИЦИ во Буенос Аирес, кој се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка.

„Јон Вардар против галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм, со копродукции од Унгарија, Бугарија и Хрватска. Арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Гласовите ги позајмуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.