ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО МОЗОКОТ КОГА ЌЕ СЕ ИЗЕДЕ НАЈЛУТОТО ПИПЕРЧЕ НА СВЕТОТ?

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Маж завршил во болница со жестоки главоболки, откако на натпревар во јадење лути пиперчиња во Њујорк изел една „каролина рипер“, која се смета за најлуто пиперче на светот и ова е прв таков регистриран случај досега.

Триесет и четиригодишниот маж почнал да чувствува ужасни болки во вратот и главата неколку дена откако го изел пиперчето. Лекарите во прв момент не сфатиле што е причината за тоа, бидејќи тој не покажувал ниту еден симптом кој би укажувал на мозочен удар, ниту, пак, снимањата утврдиле крвавење во мозокот.

Тие, сепак, откриле нешто необично: значително стеснување на левата внатрешна каротидна артерија и на четири други крвни сада кои го снабдуваат мозокот. На пациентот потоа му бил дијагностициран реверзибилен синдром на церебрална вазоконстрикција (РЦВС), што, најверојатно, било предизвикано од лутото пиперче.

„Овој синдром е проследен со интензивна жестока главоболка поради стеснување на крвни садови во мозокот, што обично се смирува по неколку дена или недели. Ова најчесто се поврзува со одредени лекарства или дроги, како кокаин и амфетамин, но никогаш досега со лути пиперки. Сериозни случаи дури можат да бидат животно загрозувачки, но смртноста е мала, околу два отсто“, вели неврологот Ен Дукрос.

Лути пиперчиња содржат високо ниво на капсаицин, хемикалија одговорна за зачинетост во одредени продукти. Таа може да предизвика стеснување на крвни садови во некои делови од телото.

„Каролина рипер“ е создадена во 2013 година од компанијата „Пакербат“ и е 400 пати позачинета од пиперчето „халапењо“, кое е на второто место на Ховил скалата за лутина.