На 30 ноември во 19 часот во Културниот центар „Лабораториум“ во Скопје, ќе биде промовирана книгата „Книжевно-критички рефлексии (студии за родот и траумата)“ од Ана Јовковска, авторка, новинарка и научна истражувачка.
Книгата е во издание на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Промоторки ќе бидат проф. д-р Наташа Аврамовска и проф. д-р Ана Мартиноска.
„Книжевно-критички рефлексии“ е осма книга на Јовковска и претставува збирка од научни трудови, критики и есеи во чиј фокус се жената, траумата и слободата. Студии за родот и траумата, чиј научен интерес се хуманистичките и културолошки теми за телото, насилството, субјективитетот, идентитетот, сексуалноста и уметноста.
Јовковска вели дека оваа ја подготвувала долго низ годините на нејзините научни интереси и активистички провокации. Уметноста, книжевноста и филмот се рефлексија на општествените ерупции, на патријархалното ропство, родовата репресија и траумата.
„И колку и да се радувам на заокружувањето на целиот истражувачки и пишувачки процес, во исто време сум тажна и бесна што годинава, од јануари до септември 2026 година, се регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство. Промоцијата на книгата се поклопува со периодот кога целиот свет се вклучува во глобалната кампања ’16 дена активизам против родово базирано насилство’, започнувајќи од 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. За жал, Македонија е трета земја според стапката на убиства на жени од интимни партнери. Во година во која има седум фемициди во државава мора гласно да зборуваме за коренот на насилството, за нееднаквата распредлба на моќта, вкоренетата мизогинија и системската одговорност. Неизбежно е книжевната и филмската рецепција и репрезентацијата на жената и трумата во уметноста и во популарната култура да одат чекор подалеку кон подигнување на свесноста и креирање на родово одговорни политики“, вели Јовковска.
Дизајнот на корицата и графичкото уредување е на Марко Трпески.