Младата поп-пејачка Ана Петановска сними дует со познатиот хрватски рокер Дадо Топиќ кој ќе го промовира во Тиват, на фестивалот „Бисер на Јадранот“, што ќе се одржи на 19 јули. Григор Копров ја напиша музиката за песната „Небо“, текстот е на Дадо Топиќ, а аранжманот е на Стефан Петановски, братот на Ана.
„Не ми се верува дека снимив дует со Дадо Топиќ, оваа песна е голема шанса за мене. Растев со неговата музика покрај моите родители, па овој дует е голема одговорност и, секако, предизвик. Неизмерно сум му благодарна на Копров, кој ми ја даде оваа можност. Кога ја слушнав песната, ми поминаа морници, романтична е и многу моќна“, рече Ана Петановска.
Копров и Топиќ се стари пријатели и соработници. Во 2023 и 2024 Топиќ беше гостин на фестивалот Охрид фест-Охридски трубадури, чиј директор е македонскиот композитор. Лани, Топиќ во Охрид прослави 60 години кариера и ја изведе песната „Македонија“.
М. ЏАРОВСКА