„Ворнер брос“ објави дека серијата „Стјуарт не успева да го спаси универзумот“, спиноф серија на „Теоријата за Големата експлозија“, доаѓа на „Ејч-Би-О макс“. Според соопштението, новата серија ќе се фокусира на сопственикот на продавница за стрипови Стјуарт Блум, кој „треба да ја врати реалноста откако ќе скрши уред изграден од Шелдон и Леонард, случајно предизвикувајќи мултиверзумски aрмагедон“.
Кевин Сусман го играше Стјуарт во „Теоријата за Големата експлозија“ и ќе ја повтори улогата во новата серија. Ќе глумат и Лорен Лапкус како девојката на Стјуарт, Дениз, Брајан Посен како пријателот геолог на Стјуарт и Џон Рос Боуви како Бери Крипке. Сите веќе играа во „Теоријата за Големата експлозија“.
„По патот, тие среќаваат алтернативни верзии на ликови кои ги запознавме и засакавме во ‘Теоријата за Големата експлозија’. Како што навестува насловот, работите не одат на добро“, се вели во соопштението, кое не спомнува дали во серијата ќе се појават Џим Парсонс и Џони Галецки како Шелдон и Леонард.
„Теоријата за Големата експлозија“ се емитуваше од 2007 до мај 2019. Првиот спиноф „Младиот Шелдон“ имаше седум сезони и заврши лани. „Првиот брак на Џорџи и Менди“ ќе ја има својата втора сезона наесен.
(Фото: Гети)