Другарот на Тоше Проески, Стерули Штерјоски, со уште неколку волонетри ја средува улицата „Тодор Проески“ во Крушево, за која вели дека е лут што последниве години била запуштена. Штерјоски е член на Управниот одбор на Спомен-куќата „Тодор Проески“ и е влучен во организацијата на сите настани посветени на Тоше во нивниот роден град.
„Се изнервирав што улицата која го носи името на Тоше долго време беше запуштена, и јас лично покренав иницијатива, со уште неколку пријатели да ја средиме. Чекор по чекор ја уредуваме. Прво посадивме цвеќиња, а сега ги направивме скалите на улицата во вид на пијано, се пушта музика од Тоше и ќе ставиме уште негови слики. Сакаме понатаму да поставиме ѕвезди како во Холивуд со имињата на најблиските соработници на Тоше за да изгледа како што доликува на името и споменот на Тоше. Многу ми е жал што улицата до скоро беше запуштена“, ни рече Штерјоски. Во уредувањето на улицата, вели тој, помага Андреј Николоски, братучедот на Тоше, а од пејачите многу му се нашла Кристина Арнаудова како и неколкумина фанови на Тоше, а добива поддршка и од градоначалникот на Крушево.

„Помага и проанешниот наставник на Тоше по ликовно, Емил, неговата наставничка Надица и уште професорка, Зорица, која му беше братучетка. Мило ми е што во уредувањето на улицата е вклучена и уште една госпоѓа од Србија која е голем фан на Тоше, а живее во Австрија. Таа го донесе сите цвеќиња“, вели Штерјоски кој сето слободно време го поминува чувајќи го споменот на својот другар.

По повод денот кога е роден Тоше, на 25 јануари во 2024, во салата на Младинскиот културен центар во Крушево се одржа премиера на документарниот филм за него, чиј автор е Катарина Миловановиќ.
„Филмот се снимаше во Скопје и во Крушево со повеќе соговорници. Драго ѝ е што и ние, како другари на Тоше сме дел од него. Во филмот раскажав за моите омилени анегдоти со Тоше, а една од нив е она безгрижно време кога по излегувањата навечер одевме на Мечкин Камен и јадевме ајвар и леб“, ни рече тогаш Стерули Штерјоски.
М. ЏАРОВСКА