ОСНОВАВ ЖЕНСКА ГРУПА ЗА МУЗИКОТЕРАПИЈА, СВИРИМЕ НА ИНСТРУМЕНТОТ ХЕНДПЕН КОЈ СМИРУВА, ВЕЛИ СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачката и диригентка во женскиот хор „Фрида“, Сузана Турунџиева, почна професионално да се занимава со музикотерапија, метод на третман со музика во кој звуците се користат за да се постигне подобра физичка и емоционална состојба. Вели дека музиката цел живот е лек за неа, а сега почнала професионално да го изучува овој метод.

Турунџиева работи со мали групи кои учат да свират на хендпен, инструмент што го купила во Турција, а свират најразличен репертоар.

„Работам со мали групи во кои членуваат прекрасни жени од 20-75 години, кои на прва се вљубија во звукот на хендпенот. Принципот на работа е многу едноставен, паралелно со усвојувањето на карактеристиките на инструментот учиме солфеж и максимално им се препуштаме на смирувачките звуци, кои нѐ носат во една димензија на опуштеност, мир и радост. Нешто што и тоа како на сите ни е потребно. Свирејќи наизменично со десната и левата рака правиме баланс и меѓу левата и десната хемисфера во мозокот. Хендпенот е длабоко интуитивен инструмент и секој кој свири на него подолго од 15 минути чувствува лична поврзаност и покачено ниво на самодоверба, која е фасцинантна. Се користи и како ритуален инструмент во јога и медитација и токму поради тоа е еден од најпрепознатливите исцелителни инструменти“, ни рече Турунџиева, која часовите ги одржува во поранешното Матично во Скопје.

Во 2023 таа оформи хор за жени над 40 години кој го нарече „Фрида“. За СМАРТ СДК.МК рече дека долго време потајно имала желба да основа женски бенд, но не очекувала дека некогаш ќе основа хор. Инспирацијата за името на хорот е од прочуената мексиканска сликарка Фрида Кало, која како мала имала деформација на рбетниот столб.

Турунџиева дипломирала соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а подоцна работеше како професорка во средното музичко училиште и наставничка во основно музичко училиште.

М. ЏАРОВСКА