Седмото издание на Котон блуз фестивал ќе има две вечери, кои ќе се одржат на 19 и 26 ноември. Како и лани, локацијата на фестивалот повторно е рок барот „Русти“ во Карпош.
Програмски, првата вечер е замислена како домашна, а втората како меѓународна.
На 19 ноември ќе настапат триото на Теодосиј Поповски, бендот на Гуру Харе и „Ласт хаус“, a седум дена подоцна гостуваат романското трио „Аксис“ и бразилскиот гитарист Артур Менезес (фото), првиот учесник на фестивалот кој доаѓа од Јужна Америка.
Овој 41-годишен музичар досега има објавено шест албуми, делел сцена со имиња како Бади Гај и Џо Сатријани и ја добил наградата „Гибсон/Алберт Кинг“ за најдобар гитарист.
(Фото: Фејсбук)