„ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ НАГРАДЕН ЗА НАЈДОБАР АНИМИРАН ФИЛМ НА ФЕСТИВАЛ ВО РОМАНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Јон Вардар против галаксијата“ ја освои наградата за најдобар долгометражен анимиран филм на шестото издание на филмскиот фестивал Galactic Imaginarium во Романија, кој ги спојува филмот, литературата и новите технологии во областа на фантастиката.

Ова е трето фестивалско признание за филмот на Гоце Цветановски, кој претходно беше прогласен за најдобар анимиран филм на фестивалите во Портовјехо во Еквадор и Аријано во Италија.

„Наградата ја посветувам на сите членови на екипата кои неуморно работеа за да го претворат овој филм во реалност и на сите оние кои помогнаа во ова историско остварување за македонската кинематографија“, изјави Цветановски.

Филмот досега се прикажа на триесетина фестивали во Европа, Јужна Америка и Азија, а следниот месец ќе има и австралиска премиера.

Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, директор на анимација е Димитар Ѓоргиев, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.