ДИЏЕЈ АНАСТАС ОД СКОПЈЕ МЕЃУ 25-ТЕ НАЈДОБРИ НА ФЕСТИВАЛОТ „АНТОЛД“ ВО РОМАНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младиот македонски продуцент и диџеј Анастас е избран во програмата „Антолд креаторс“, организирана од фестивалот „Антолд“ во Романија. Во конкуренција на 11.366 апликации од целиот свет, македонскиот диџеј се најде меѓу 25-темина кои добија можност да бидат дел од интернационалната програма.

Во рамки на програмата, учесниците работеа и учеа од реномирани продуценти и ментори од електронската сцена, а како финален продукт снимија авторски диџеј сетови. Во моментов е отворено и официјалното гласање за најдобар диџеј сет, а четворица учесници ќе добијат можност да настапат на фестивалските бини на „Антолд“. Еден од нив ќе се претстави и на главната бина пред десетици илјади посетители.

Дваесет и шестгодишниот Анастас од Скопје во изминатиот период настапи заедно со диџеи како Арги, Хјугел и Ендру Мелер. Неговата музика е издадена за издавачки куќи како „Кафе де Анатолија“ и „Гарден оф дримс“, комбинирајќи хаус, органски елементи и современа електронска продукција.