„ПИКИ БЛАЈНДЕРС“ ЌЕ ДОБИЕ УШТЕ ДВЕ СЕЗОНИ ШТО ЌЕ ЈА ВНЕСАТ БАНДАТА ВО НОВА ЕРА

Лондон, (Би-Би-Си)

„Пики Блајндерс“ се враќа со две нови сезони кои ќе се фокусираат на новата генерација на семејството Шелби по Втората светска војна.

Шестата сезона, која се емитуваше во 2022, беше опишана како „крај на епска приказна“, иако продуцентите најавија дека серијата би можела да продолжи во некоја форма. Претстојниот филм „The Immortal Man“ е сместен на почетокот на војната, а Килијан Марфи ќе ја репризира улогата на Томи Шелби.

„Филмот ќе биде следен од две нови сезони на ТВ-серијата кои ќе се случуваат во Бирмингем и ќе ја раскажат приказната за градот кој се крева од пепелот по војната. Новата генерација на семејството Шелби го презема воланот и тоа ќе биде пеколно возење“, изјави креаторот на серијата Стивен Најт.

Од Би-Би-Си прецизираа дека дејството продолжува во 1953 година, кога Бирмингем е среде огромна обнова. Килијан Марфи ќе биде еден од продуцентите, но засега не е потврдено дали ќе се врати некој од старата актерска постава.

„Пики Блајндерс“ имаше премиера во 2013 и досега ја следеше бандата во 1920-тите и 1930-тите.