Денеска (25 октомври) ќе се одржи петтото издание на воздухопловно-едукативниот саем „Скопје ер фер“, кој почнува во 11 часот на локацијата „Вембли“ во Градски парк.
„Под мотото ‘Делуваме денес за воздухопловството утрe!’, саемот претставува централно место за професионална ориентација на младите и уникатна можност за сите посетители да се запознаат со авијациската индустрија во земјата“, вели организаторот, здружението за подобра авијација „Авикон“.
На саемот се претставуваат воздухопловните професии, од пилоти и стјуарди, преку контролори на летање и воздухопловни метеоролози и техничари, па сѐ до инженери и оператори со дронови. Особено е наменет за средношколците и студентите кои размислуваат за кариера во авијација. Посетителите ќе можат да се сретнат и да комуницираат директно со професионалци и претставници од сите клучни воздухопловни ентитети.