ВО ОХРИД СЕ ОДРЖА ПРВИОТ САЕМ НА ПЛОЧИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Првото издание на саемот на плочи „Охрид 33/45“ собра љубители на музиката од различни генерации и го претвори Охрид во место за средба на колекционери.

Организаторите велат дека за повозрасните, плочите и препознатливиот аналоген звук беа потсетување на омилените албуми и едно поинакво музичко време, а за помладите посетители винилот бил ново откритие и можност одблизу да се запознаат со културата на слушање музика на плочи.

„Ова не беше само саем на плочи. Ова беше средба на генерации, спомени и љубов кон музиката. Сакавме да создадеме простор каде што винилот ќе се слуша, ќе се допира и ќе се доживува, а реакциите на посетителите ни покажаа дека Охрид има публика и енергија за ваква приказна. Ова е само почеток“, рече организаторот Горан Котески.

На настанот учествуваа изложувачи со свои колекции и ретки винилни изданија, музички селектори и диџеи, а дел од програмата беа и „Фолтин“, „Пука козметика“, „Вел“, „Исиен“, Оги и Љупчо Јолевски.

Организаторите најавуваат дека „Охрид 33/45“ ќе продолжи како целогодишна платформа посветена на аудиофилството, колекционерството и зачувувањето на аналогната музичка култура. Планирани се едукативни содржини, приказни за култни и ретки изданија, како и помали настани, слушачки сесии и тематски вечери.