Пејачката Зарина Првасевда ќе одржи концерт во Скопје на 20 декември во Филхармонијата, што ќе биде промоција на нејзиниот нов музички проект „Кадифено“.
„За првпат во Скопје пристигнуваат еден од најголемите мајстори на фретлес гитарата, турскиот виртуоз Џенк Ердоган и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, уметници чија маестралност го освојува светот“, велат од тимот на Зарина Првасевда.
На сцената ќе им се придружат и македонските музичари Андреа Мирчевска и Тони Арслан.
„Со огромна чест ви најавувам дека ова предновогодишно патување нема да го чекорам сама. Со моите драги соработници и гости ќе создадеме концерт поинаков од сè досега, кадифено топол и длабок, полн со онаа тивка магија што само музиката знае да ја донесе“, рече пејачката.
Влезниците се веќе во продажба преку продажната мрежа на drugastrana.mk.