НОВ ВИД БУБАЧКА ИМЕНУВАН СПОРЕД ЛЕОНАРДО ДИКАПРИО

Куала Лумпур, (Гардијан)

Нов вид водена бубачка, што беше откриена прицврстена за камен во брзи потоци на Борнео (Малезија), го доби името според холивудската ѕвезда Леонардо ДиКаприо.

Ситниот црн инсект беше именуван според оскаровецот и ѕвезда на „Титаник“ поради неговиот еколошки активизам.

Научници-аматери, кои зедоа учество во експедиција во базенот Малиун на Борнео, ја открија три милиметри долгата бубачка во плиток поток на илјада метри надморска височина.

Експедицијата беше организирана од тим научници од универзитетот во Манила (Филипини) и од холандската компанија „Таксон“, кои обучуваат поединци како да откриваат, проучуваат и идентификуваат нови видови. Бубачката беше именувана според ДиКаприо на предлог на еден член на експедицијата.

Ова е последниот случај кога еден нов вид се именува според позната личност. Бубачки со свое име имаат и Арнолд Шварценегер, Доналд Трамп, Кејт Винслет, Џорџ Буш, Бил Клинтон, па дури и Адолф Хитлер.

„Не ја нарековме бубачката така затоа што личи на Леонардо, туку сакавме да нагласиме дека и најмалите суштества се важни, па дури и една ситна бубачка за која никој досега не знаеше“, изјави Ива Њуњиќ од „Таксон“.