„ЕН СИНК“ ДОБИЈА ЅВЕЗДА НА ПАТЕКАТА НА СЛАВНИТЕ И СОБРАА ИЛЈАДНИЦИ ФАНОВИ

Лос Анџелес, (АП)

Џастин Тимберлејк ѝ се придружи на старата екипа од „Ен Синк“, додека илјадници фанови врескаа околу нив на откривањето на ѕвездата, што некогаш мегапопуларниот бој бенд ја доби на холивудската Патека на славните.

Во една од најголемите мешаници што досега се создала за ваква церемонија, фанови се собраа во огромен број за да ги видат Џастин и неговите четворица колеги, кои се изменуваа на сцената за да им се заблагодарат.

„Мислам дека не можам да се искажам со зборови колку вие четворица ми значите мене. Поминавме низ тешки времиња, низ неверојатни времиња. Многу ве сакам сите“, кажа Тимберлејк.

„Ен Синк“ издаде три албуми за краток период од пет години, по што во 2002 година членовите објавија дека бендот оди на пауза, но никогаш потоа не снимија нов материјал. Место тоа, Џастин Тимберлејк стана една од најголемите поп-ѕвезди на денешнината, додека „Ен Синк“ од многу медиуми беше прогласен за еден од најзначајните бој бендови на сите времиња.

Тие за последен пат се обединија во 2013 година, на музичките награди на Ем-Ти-Ви.