Шестиот Котон блуз фестивал во Скопје продолжува вечерва (26 ноември) со две концертни промоции на албуми и со премиера на проект посветен на Џони Кеш. Настаните се одржуваат во рок барот „Русти“, со почеток во 20:30 часот.
Александар Пешевски во живо ќе го промовира својот акустичен албум „Afterend“, а нов материјал ќе може да се чуе и од еден од најстарите домашни блуз бендови „Кросроуд блуз бенд“, кој постои речиси три децении.
Специјално за овој Котон блуз фестивал е создаден „Џони Кеш проект“, кој ќе го има своето претставување вечерва. Бендот кој ќе ги свири песните на славниот американски музичар го сочинуваат Никола Џими Петровски и Сашо Ѓорѓевски од дуото „Ин д муд“, нивниот чест соработник Игор Јовчевски (вокал), Славчо Коцев (тапани) и Кирил Туфекчиевски (бас гитара).
Фестивалот ќе кулминира утревечер со настапите на главните ѕвезди годинава: легендарниот британски блуз музичар Норман Бикер и американскиот гитарист Хамилтон Лумис.