Кралицата Елизабета Втора можеби нема да биде среќна, но Вил Ферел и Моли Шенон ќе прават пародија на претстојната свадба на принцот Хари и Меган Маркл.
Двајцата комичари во живо ќе ја коментираат кралската свадба на 19 мај на Ејч-Би-О како измислени водители Корд Хосенбек и Тиш Катиган. „Кралската свадба во живо со Корд и Тиш!“ доаѓа откако Ферел и Шенон како исти ликови ја водеа годинашната „Роуз парада“ во Калифорнија на „Амазон“.
Тие ќе имаат и специјални гости во емисијата, кои ќе им помагаат во што подобро покривање на церемонијата.
Алтер егото на Ферел е опишано како успешен телевизиски и радио-водител, кој е посветен на физичка и ментална благосостојба и има напишано повеќе од 30 книги со најразлични теми.
Катиган, пак, е поранешна мис Аризона, која, исто така, е автор на книги.
„Оваа венчавка ќе биде голем хит. Ќе видите повеќе луксуз во една црква од кое било друго место. Секое девојче сонува да се омажи за принц кога ќе порасне. Мора да бидам во прв ред за да ја видам оваа романса од бајки. Ќе плачам цел ден“, вели Шенон во најавата на емисијата.