ЗА 72 ЧАСА СЕ ПРОДАДЕ ПРВОТО ШОУ НА „К-15“ ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ ПРОДУЦЕНТОТ ЖАРКО ДИМИТРИОСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По промоцијата на документарниот филм „К-15: Од другата страна“ во режија на Ико Каров кој имаше неколку проекции во Македонскиот народен театар (МНТ), филмот од јануари 2026 ќе игра во кино салите. Главните ликови од популарната комична серија Бубо Каров, Бранко Огњановски и Васко Тодоров повторно ги споија водителот и продуцент Жарко Димитриоски и неговата екипа. Во мај, „К-15“ прослави 30 години со три полни сали, „Борис Трајковски“, настан кој го режираше Синиша Евтимов, а свиреше оркестар со кој диригираше Џијан Емин.

„К-15“ наполнија три сали во мај во Скопје (Фото: В.Оцевски)

„13 ноември во 2024 е денот кога рековме ‘каде е печатот’ и ставивме потпис. Тројцата херои и продуцентите. Вечер за историја. Баш ми е драго кога ја гледам фотографијата, а има и видеа. Потоа, направивме стратегија за промоција, тргна кампањата и билетите за првата сала се распродадоа за 72 часа, правејќи го настанот историски најбрзо распродаден кај нас. Тие 5-6 месеци пред тоа живееш со 1000 прашања: дали ова, дали она, што ако, ќе успее ли, ќе погодиме ли? Кога Васе, Бубо и Бране стапнаа на сцена со оркестарот и се почна тој прв громогласен аплауз, во една милисекунда дилемите сами исчезнаа. Помогна и тоа што направивме синтеза на најдоброто што Македонија го има во однос на техничка, сценска, аудио и секаква друга екипа. Имавме докажан режисер на документарни филмови, Ико Каров, најголемиот хитмејкер на сценски изведби, Синиша Ефтимов, маестралниот оркестар предводен од светскиот, а наш Џијан Емин“, вели Димитриоски за почетоците на соработката на „К-15“ и продукцијата „БГД“.

Жарко Димитроски, Синиша Евтимов и Владимир Огњановски, братот на Бранко Огњановски (Фото: Приватна архива)

Додека да ги подгoтвувале шоуата, имало како што вели тој долги часови работа, стотици опции, управување со големи тимови со различни карактери и потреби.

„Не е тешкото да сонуваш ‘големо’. Тешко е да се разбудиш од сонот во 3  наутро со триста дилеми. Проектот беше многу обемен. Со комплетна промотивна и комуникациска стратегија, целосна подготовка на сценски настап, ангажман на огромен оркестар, режисери, снимање документарен филм, реализација на подкасти и ТВ емисии сп ‘најдоброто од’ како поддршка, и секако, организација на три концерти, три вечери по ред. Околу дваесетина луѓе работеа континуирано шест месеци, а во деновите на концертите над 200 луѓе беа директно вклучени во реализацијата. Тоа се многу дилеми, многу одлуки, многу одговорност и постојана борба со себе дали си го направил најдоброто можно“, вели Димитриоски.

К-15 се меѓу најредовните гости во неговата емисија „Еден на еден“ и лично се пријатели.

„Со Бубо имам и човечка приказна, израснав во неговото маало, се дружев со неговите синови, и тој ме знае од дете. Тоа носи дополнителен мотив дека правиш проект со луѓе што исклучително ги почитуваш, не сакаш да направиш нешто тукутака. Мене ќе ми биде многу драго ако сѐ што направивме отвори врата за уште вакви потфати. Мислам дека е јасен сигнал дека креативната индустрија може да создава силни проекти. Рекордите не беа никогаш цел, нѐ водеше желба да се подигнат стандардите. За првпат во Македонија се распродадоа три сали по ред за домашен настан, се направи една многу свежа и иновативна кампања на социјалните медиуми. Сите овие работи покажуваат дека и кај нас може да се размислува и работи на повисоко ниво“, вели Димитриоски.

Актерите од „К-15“ со екипата која го работеше шоуто, режисерот Синиша Евтимов и диригентот Џијан Емин (Фото: Приватна архива)

Тој додава дека посебно е вредна улогата на Владимир Огњановски, негов драг пријател со кого како што вели имаат и еден куп други идеи во фиока. Поддршката и соработката со „К-15“ продолжува и по концертите, преку активните канали на социјалните мрежи и јутјуб.

„Тоа покажува дека и новите генерации се гладни за ‘К-15’. Новото време ни овозможува тој хумор да биде систематизиран и достапен, а наша задача е да се грижиме за брендот ‘К-15’ и да го чуваме силен.

Димитриоски се сеќава дека првите комични настани тој и неговиот тим ги организирале пред 15 години со неколку настани под името „Балкан стендап“, а во тоа им помогнале Игор Џамбазов и Сашко Коцев.

М.ЏАРОВСКА