„К-ПОП ЛОВЦИ НА ДЕМОНИ“ МУ ДОНЕСЕ ГОЛЕМ ТРИУМФ НА КОРЕЈСКИОТ ПОП НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Мегахитот на „Нетфликс“, „К-поп ловци на демони“, триумфираше на Златните глобуси, освојувајќи ги наградите за најдобар анимиран филм и за најдобра оригинална песна („Златна“). Филмот кој го следи женскиот бенд „Хантрикс“ кој ја користи својата музика за да го спаси светот од зли сили имаше премиера во јуни и во рок од два месеца стана најгледаниот филм на „Нетфликс“ на сите времиња.

„Ловци на демони“ ги освои истите две награди и на неодамнешните Награди на критичари, со што ќе биде голем фаворит и на Оскарите.

„Преку овој филм навистина сакавме да ги прикажеме женските ликови на начин на кој ги познаваме жените, што е навистина силно и смело“, рече корежисерката Меги Канг.

Одри Нуна, Еџе и Реи Ами ги пеат песните во филмот (Фото: АП)

Обожавателите зборуваа за тоа како се пронашле во моќните теми на филмот за самоприфаќање, заедништво и борба против внатрешните „демони“.

Кантавторката Еџе, која е коавторка и изведувачка на „Златна“, ја прими наградата за најдобра оригинална песна заедно со колегите Марк Соненблик и Ли Хи-џун. Во емотивен говор таа се сети како на почетокот на нејзината К-поп кариера се соочила со отфрлање и разочарување.

Корејско-американската актерка Арден Чо, која го позајми гласот на главниот лик Руми, рече дека нејзиниот живот го отсликува патувањето на Руми.

„Искрено можам да кажам дека во различни периоди од мојот живот многу се мразев себеси и сакав да бидам некој друг. Мразев што изгледав како Азијка, што немав сини очи и руса коса, бидејќи тоа беше убаво во тоа време. Ова е филм што носи надеж, радост и љубов за сите овие различни заедници“, кажа Чо.