ПО ПОБЕДАТА НА „ГЛАСОТ НА ЕВРОПА“ ЌЕ СНИМАМ АВТОРСКА МУЗИКА, ВЕЛИ СТРУМИЧАНКАТА ТИНА РУСЕВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Струмичанката Тина Русева победи на шоуто за музички таленти „Гласот на Европа“, кое се одвиваше онлајн во изминативе месеци.

„Пресреќна сум и многу возбудена. Следни планови ми се снимање авторска музика, на која веќе се работи“, ни рече младата пејачка, која девет години живее во германскиот град Леверкузен со семејството.

„Ви благодарам многу, затоа што ме поддржавте, лајкувавте, коментиравте, што бевте тука. Исто така, му благодарам на жирито што судеше фер. Она што можам да го кажам во овој момент е бидете тоа што сте, верувајте во себе, верувајте во процесот и успехот ќе ве следи“, рече талентираната пејачка во видеопораката по победата.

Во 2025, таа го воодушеви жирито на натпреварот „Гласот на Германија“ и стана позната во домашната јавност откако доби голема поддршка на социјалните мрежи, особено од домашните музичари, кои ги споделуваа нејзините енергични настапи.

„Тоа беше мојата визија, мојата страст и мојата длабока желба. Живеев за овој момент. Се пријавив да кажам еве сум, постојам, јас сум Тина Русева. Едноставно, натпреварот го гледам, пред сѐ, како лична промоција. Место каде што може да си забележан од луѓе од целиот свет. Само мал дел од пријавените успеаја да стигнат до телевизиските аудиции. Процесот е долг, интензивен и бара трпеливост, но истовремено е многу возбудлив. Јас стасав до тимските борби“, ни рече Русева за нејзиното искуство со „Гласот на Германија“.

Пред да се пресели во Германија, Русева учествувала и на повеќе интернационални натпревари, а еден од најпознатите фестивали на кој пееше е „Славјански базар“ во Белорусија.

М. ЏАРОВСКА