„КРАФТВЕРК“ СЕ ВРАЌА ВО СКОПЈЕ ПО ОСУМ ГОДИНИ СО ПРВ КОНЦЕРТ НА ОТВОРЕНО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пионерите на електронската музика „Крафтверк“ се враќаат во Скопје по осум години пауза. Откако претходно одржаа распродадени концерти на Скопски саем и во арената „Борис Трајковски“, овојпат ќе настапат на отворено, во рамките на Скопје колинг.

„Авалон“ објави дека следниот скопски концерт на легендарните Германци е на 25 јули на Стадионот на АРМ во Градски парк и е дел од новата турнеја „Мултимедија“.

„Крафтверк“ е основан во 1969 година и од оригиналната постава во бендот сѐ уште членува Ралф Хитер. Имаат издадено 11 албуми и се сметаат за едни од најголемите иноватори на полето на електронската музика и значително придонесоа за нејзино популаризирање. „Крафтверк“ првпат гостуваше во Скопје во 2005 година.

Картите ќе се продаваат од 28 јануари по цена од 1.990 и 2.990 денари.

Фото: Г. Конев