Шоуто „Глумците пеат“ ќе се одржи на 24 и на 25 март во Македонскиот народен театар (МНТ) од 20:30 часот.
„Глумците пеат“ се врати на сцената по подолга пауза во 2023, а го возобновија Маја и Ира Бабиќ, ќерките на актерот Марин Бабиќ, кој во 1990-тите го направи ова шоу популарно. Познатиот актер почина на 16 октомври 2022 на 74 години.
Во 2023 повеќе млади и поискусни актери пееја светски и домашни поп и рок хитови со биг бенд, со кој диригираше Љупчо Мирковски. Следната година темата беше Евровизија, а лани гледавме околу 25 точки со различна приказна, поврзани со култни филмови. Настанот започна со препознатливиот глас на Марин Бабиќ, со снимка од некогашните „Глумците пеат“.
„Манифестацијата остана како наследство од Марин, но и тој додека беше жив велеше дека ова шоу не е негово и не е за него, туку е за глумците, а најмногу за промовирање на младите актери“, вели Маја Бабиќ.
Влезниците се во продажба преку платформата MkTickets.mk.
Фото: Весна Петрушевска на ланското издание на „Глумците пеат“ (Фото: К. Попов)