„ЏИМЕЈЛ СМАРТ КОМПОУЗ“ ЌЕ ПРЕДЛАГА ЦЕЛИ РЕЧЕНИЦИ ВО МЕЈЛОВИТЕ

Лос Анџелес, (Гардијан)

Гугл ја претстави новата, паметна опција за пишување електронска пошта, која ќе предвидува цели реченици и ќе ги довршува место вас.

Слично на автокомплетирањето во лентата за пребарување или на тастатурата на смартфони, „смарт компоуз“ не само што интелигентно ќе сфаќа што се обидувате да напишете, туку и ќе предвидува цели мејлови.

„Од почетниот до завршниот поздрав, ‘смарт компоуз‘ ќе предлага готови реченици, што лесно ќе можете да ги преземате. ‘Смарт компоуз‘ ќе ви помогне да заштедите време така што нема повторно да пишувате некои реченици и ќе ги намали шансите за грешки во граматиката и во спелувањето. Тој, исто така, ќе предлага релевантни контекстуални фрази“, вели продукт-менаџерот на Гугл, Пол Ламберт.

Оваа алатка ја скенира содржината на пораките и препознава контексти, како денови во неделата, времиња, места, датуми и други информации. Ако корисникот види нешто што вреди да се зачува, едноставно треба да притисне на типката „таб“.

Гугл даде и неколку примери, како автоматско завршување на пораката со „имајте убав викенд“, ако е пратена во петок.