Две нови единки на балкански рис се снимени на територијата на Националниот парк „Шар Планина“. Оттаму велат дека со ова нивниот број пораснал на пет.
„На нашите трап-камери неодамна се регистрирани две нови единки на балкански рис. Тие се забележани при вршење редовен мониторинг, во делот од паркот кој административно припаѓа на Општина Врапчиште“, соопштија од НП „Шар Планина“ на Фејсбук.
Тие додаваат дека двете единки се во добра здравствена состојба.
„Благодарение на заложбите на тимот на Националниот парк ‘Шар Планина‘, бројот на дивите животни, а особено на рисот, е во пораст, што го потврдува позитивниот ефект од мерките за заштита на природата“, рекоа од паркот.
(Фото: НП „Шар Планина“)