ПАВЛЕ КУЗМАНОВСКИ ИЗЛОЖУВА СЛИКИ СО ГОЛЕМ ФОРМАТ ВО ТЕТОВО, НАЈГОЛЕМАТА Е ДОЛГА ЧЕТИРИ МЕТРИ

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Сликарот Павле Кузмановски пред тетовската публика се претстави со несекојдневна изложба на слики: сите во голем формат, меѓу кои доминира неговата најнова слика насловена „Револт“ или „Востание“.

Идејата за оваа слика тлеела во него 65 години, односно уште од студентските денови, кога направил една мала скица за сликата. Кога конечно се решил таа скица да ја пренесе на сликарско платно, создал монументално дело со димензии четири метри на два метри. Сликата ја работел шест месеци.

„Поводот за оваа изложба е големото масло на платно, со димензии четири на два метри. Всушност, оваа слика е работена според една моја мала скица, која сум ја насликал уште во 1961 година во Белград, како студент на прва година на Ликовната академија. Таа скица седеше кај мене 64 години, за конечно кон крајот на минатата година да направам нешто поголемо од неа и, еве, се роди ова ликовно дело кое е посветено на македонскиот народ и на неговата револуционерна борба. Шест месеци ја работев во моето ателје, а ја завршив оваа година. Бидејќи е со големи димензии, за да биде поставена на изложбата, мораше првин да го демонтираме рамот, платното во ролна да се донесе во галеријата на музејот и таму повторно да се состави рамот за да се стави платното на него“, вели Кузмановски.

Завршувањето на оваа слика било повод да се организира изложба, на која Кузмановски се претставува со уште 12 слики, сите во голем формат.

„Во поголемиот дел, тоа се слики од мојот циклус ‘Сведоци’, тема што ја работам со децении, а исто така се изложени три автопортрети и неколку актови, кои се работени во различни периоди од моето творештво“, вели Кузмановски.

Иако има веќе 87 години, Павле Кузмановски слика со несмален интензитет и вели дека наскоро подготвува нова изложба. Досега има реализирано над 50 самостојни изложби, а за својата долгогодишна сликарска дејност добитник е и на државната награда „11 Октомври“ за животно остварување.

З. АНДОНОВ