Тетовскиот писател Јован Дамјановски го промовираше новиот роман „На работ од светот“. Ова е 20. роман во богатиот книжевен опус на Дамјановски и се совпаѓа со неговиот 80. роденден.
Една од главните теми е психоанализата на човекот и неговото битие, но сега согледана низ призмата на времето кое неминовно одминува и староста која ги носи своите предизвици.
„Романот е едно од најзрелите и најкомплексни остварувања во прозниот опус на Јован Дамјановски. Ова дело не е само продолжување на една богата творечка линија, туку и нејзина синтеза. ‘На работ од светот’ може да се чита како роман за староста, но неговиот вистински опус е многу поширок“, рече Христо Петрески, уредник на книгата.
Јован Дамјановски е роден во 1946. Тој е доктор на науки и беше универзитетски професор. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1992. Покрај 20-те романи, тој е автор на голем број раскази и новели, а има напишано и четири драми и две монодрами.
„Во мојата книжевна активност се служам со неколку личности кои во светот се големи имиња. Првата личност е психологот Карл Густав Јунг, таткото на аналитичката психоанализа. Тој вели дека некои луѓе во животот се служат со маски зашто сакаат да бидат видени такви какви што сакаат да ги видат, а не какви што се вистински. Јунг исто така вели дека секој од нас не е само една личност, најмалку нè има двајца во нас. Јас се обидов во моите романи да пишувам за луѓето кои не се само добри и само лоши. Во човечкиот живот нема само добри или само лоши луѓе, туку има луѓе кои се и добри и лоши, во зависност од околностите во кои ќе се најдат. Така се обидувам во мојата книжевна работа да направам допир со стварноста, со вистинскиот живот“, вели Дамјановски.
З. АНДОНОВ