ЖАНЕТА ВАНГЕЛИ ВО ЗАГРЕБ ЈА ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „АРХИВСКИ ДОКУМЕНТИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (24 март) во 19 часот, во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб ќе биде отворена изложбата „Архивски документи“ на професорката и ликовна уметница Жанета Вангели, проект на Националната галерија на Македонија.

Изложбата „Архивски документи“ е прво претставување на Вангели пред хрватската публика и содржи 41 дело во техника принт на плексиглас и аудиоматеријали.

„Оваа изложба е, всушност, една сублимација на главните интересни зони кои се во нејзиниот фокус, една метафизичка манифестација во време-просторот што таа го сведочи. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели несомнено евидентира различни претстави на духовна слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното“, вели Маја Крстевска, виш кустос.