Продукциската куќа од Виница „Кафе де Анатолија“ која стана светски популарна, го најави првиот дводневен фестивал во Виница, на 10 и на 11 јули во „Александар парк“ во центарот на градот.
Од „Кафе де Анатолија“ велат дека фестивалот е ново искуство кое ги спојува афро хаус и органик хаус музиката со уметноста, гастрономијата и винската култура.
Дводневната програма ќе се одржи од 20 до 3 часот по полноќ, а ќе вклучува настапи на интернационални диџеи, визуелни перформанси, танчари и пантомимичари. Покрај ноќната програма, на 10 јули ќе има и дневна програма од 15 до 20 часот, со бесплатна дегустација на вина од над пет локални винарии, гастрономска понуда, уметнички изложби и фестивалски базар.
„Кафе де Анатолија“ е музичка куќа со глобално признание и соработки со Џорџо Армани, „Фор Сизонс“ и „Сони Мјузик“. Основана е од семејството Илиеви: Зоран Илиев (Били Естебан), Моника Илиева и Никола Илиев (Риалианс Он Ер/Никарт), „Кафе де Анатолија“ е номинирана од „Битпорт“ за најдобра узичка издавачка куќа за 2025 и за артист на годината за 2025.
Тие се првите македонски музичари кои беа промовирани на Тајмс Сквер во Њујорк. Денес соработуваат со над 5.000 музичари, имаат над 30 милиони следбеници и повеќе од 2 милијарди прегледи глобално.
Билетите се фестивалот во Виница се продаваат преку мрежата на МК тикетс.