Пеле ја освои првата светска титула на 17 години, а Килијан Мбапе (фото) го зацврсти својот статус на суперѕвезда на 19 години, предводејќи ја Франција до триумфот на Светското првенство 2018.
На претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико ќе играат 22 тинејџери, според официјалниот список на 48-те репрезентации. Неколкумина од нив веќе се етаблираа во врвните европски клубови, како Шпанците Ламине Јамал (18) и Пау Кубарси (19) во Барселона и 18-годишниот германски репрезентативец Ленарт Карл во Баерн. За останатите, ова СП ќе биде огромна шанса да блеснат и да покажат дека се иднината на светскиот фудбал.
ГИЛБЕРТО МОРА (МЕКСИКО)

Со 17 години, Мора ќе биде најмладиот учесник на СП 2026. Играчот од средниот ред настапува за Тихуана и дебитираше за Мексико на ланскиот Голд куп. За него веќе пројавија интерес Реал Мадрид, Барселона и неколку англиски клуба.
ЈАН ДИОМАНДЕ (БРЕГОТ НА СЛОНОВАТА КОСКА)

Деветнаесетгодишното крило имаше одлична сезона во РБ Лајпциг и ПСЖ и Ливерпул веќе преговараат за него.
ЕНДРИК (БРАЗИЛ)

Деветнаесетгодишниот напаѓач ја живна кариерата со трансферот во Лион, откако не доби вистинска шанса во Реал Мадрид. Во бразилскиот тим е уште еден негов врсник, Рајан од Борнмут.
ИБРАХИМ МБАЈЕ (СЕНЕГАЛ)

Овој 18-годишен напаѓач е член на академијата на ПСЖ, а во француската лига дебитираше уште во 2024. Само што стана полнолетен, а веќе двапати ја освои Лигата на шампионите.
КЕНДРИ ПАЕС (ЕКВАДОР)

На 19 години, офанзивниот играч од средниот ред со вешт дриблинг е веќе стандарден репрезентативец. Во 2023 потпиша за Челзи, за потоа да го позајми во Стразбург и Ривер плејт.