СКОПСКИОТ МЕТАЛ БЕНД „КОНСПИРАСИ” ПОБЕДИ НА „ГИТАРИЈАДАТА” ВО ЗАЕЧАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Метал бендот „Конспираси“ од Скопје е победник на 59. „Гитаријада“ во Заечар, Србија. Бендот беше прогласен за најдобар состав од стручното жири на еден од најстарите рок фестивали во регионот.

Голема благодарност до сите за огромната поддршка што нè доведе до победа на 59. ‘Гитаријада‘ во Заечар. Благодарност до целиот тим на ‘Гитаријадата’ и сите кои беа дел од реализацијата на овој легендарен настан“, објави бендот.

Најмногу гласови од публиката доби босанскиот бенд „Артерије“.

Годинашната „Гитаријада“ се одржа од 27 до 29 август во Заечар. Фестивалот е основан во 1966, со што одбележа 60 години постоење. Таа е посветена на промоцијата на млади и неафирмирани рок бендови, на кои им дава можност да се претстават пред поширока публика.

Во ревијалниот дел на трите фестивалски вечери настапија и познати регионални групи, меѓу кои „Црвена јабука“, „Зостер“, „Лету штуке“, „Неверне бебе“, Горан Баре и „Мајке“ и „Дивље јагоде“.