БИБИ И БОБИ ОЖИВУВААТ ВО НОВОТО ДЕТСКО МУЗИЧКО ШОУ „ЈЕЕЈ!“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тимот на „Светот на Биби“ почнува нов детски музички и едукативен серијал „ЈЕЕЈ!“, во кој популарните анимирани ликови Биби и Боби ќе оживеат во реалниот свет. Првата епизода ќе биде премиерно прикажана на јутјуб каналот на „Светот на Биби“ на 26 септември од 19 часот.

Во улогата на Биби е Надиа Кирковска, Боби го игра Максим Апостоловски, а дел од екипата се и Марта Конеска и Христијана Матеска. Актерите беа избрани по кастинг на кој за улогите на Биби и Боби се пријавиле повеќе од 600 деца.

„Во време кога сè почесто се појавуваат брзо создадени песни и анимирани видеа генерирани со вештачка интелигенција, сакавме да создадеме оригинално шоу што ќе им помогне на децата да ја препознаваат, сакаат и да создаваат квалитетна музика“, велат продуцентите.

Во серијалот, Биби и Боби, заедно со учителката по музичко Моника и нејзината асистентка Тина, ќе ги запознаваат децата со музиката, ритамот и инструментите.

Главни продуценти се Стојче Коко Ѓорѓиев, Марјан Алексовски и Жарко Стојаноски, режисер и сценарист е Бојан Трифуновски, а снимател и монтажер е Јосип Здравковски. Арт-директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а музички директор Ангел Ќосев. „ЈЕЕЈ!“ се снима во студиото „Подрумот“.