РОУАН АТКИНСОН ГИ ВРАЌА МИСТЕР БИН И БЛЕКЕДЕР НА ТЕАТАРСКАТА СЦЕНА

Лондон, (Гардијан)

Британскиот актер и комичар Роуан Аткинсон ќе ги врати своите славни ликови Мистер Бин и Блекедер на лондонскиот Вест Енд во новото шоу „Роуан во живо“. Ова ќе биде неговото прво шоу со скечеви на Вест Енд по 40 години.

Шоуто ќе има само 30 изведби, од 8 февруари до 13 март 2027, во театарот „Џилијан Лин“ во Лондон. Аткинсон ќе изведува и сосема нов материјал.

„Поминаа 40 години откако последен пат направив комично шоу на Вест Енд. Помислив дека би било забавно повторно да ги изведам скечевите со кои почна сѐ за мене и од кои произлегоа моите најпознати ликови“, рече 71-годишниот Аткинсон.

На новиот материјал работи со долгогодишниот соработник Ричард Кертис, како и со Бен Елтон, еден од авторите на „Блекедер“.

Аткинсон го создаде Мистер Бин на сцената во 1980-тите, пред ликот да стане светски познат преку телевизиската серија и филмовите во 1990-тите. Мистер Бин подоцна доби и анимирана серија, а Аткинсон повторно го играше ликот на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Лондон во 2012.

Аткинсон има и богата театарска кариера. Во 2009 беше номиниран за наградата „Оливие“, а последен пат настапи на Вест Енд во 2013.

(Фото: Гардијан)